05.09.2006 Бр. 13290 ИЗЛЕГУВА СЕКОЈ ДЕН ОСВЕН НЕДЕЛА
  Насловна
  Вести на денот
  Економија
  Црна хроника
  Скопје
  Свет
  Култура
  Балкан
  Одмор и забава
  Естрада
  Спорт
   Архива
   Вработувања
   е-Вечер
   Импресум
   Контакт
   Претплата
   Маркетинг
 
 Пребарај:
 Барај
   Анкета
Колку пари потрошивте/би потрошиле на годишниот одмор?
До 200 ЕУР
Од 200-500 ЕУР
Над 500 ЕУР
Нема да одам на одмор
   Реклами








 Спектар

ЕНИГМА ЛИПКОВО: КОЈ САКАШЕ ОД КУМАНОВО ДА НАПРАВИ "ВУКОВАР 2"

Вистината умре во мај 2001 година

Во Липково ќе има протести. Само оваа година народот е мирен, разбира дека државата има многу проблеми, меѓу кои беше и референдумот, па затоа не сакавме и ние да правиме дополнителни. Но, очекуваме од државата малку да мисли за Липково, за да не бараме вода со протести и тоа покрај две езера. Во спротивно, еден протест, втор, трет и ако нема резултат-ќе следи затворање на водата за Куманово, вели претседателот на Месната заедница, Бејзат Исени   Малку фалеше, мала искра, за да дојде до избувнување на пожестоки дејства и конфликтот да се прелее во градот, односно и Куманово да биде нешто како Вуковар, истакнува тогашниот началник на кумановската полиција, Драги Несторовски.Најхрабриот кумановчанец во 2001 година, кој заслужено следната година ја доби наградата "Монета на град Куманово" како признание за храброст, беше Ромео Ивановски, градежен инженер вработен во ЈП “Водовод Куманово". Тој беше човекот што во јуни 2001 г. се искачи на Горна брана и ги пушти вентилите за полнење на Липковско Езеро.   Ивановски ексклузивно за "Вечер" раскажува за неговото одење на Глажња, придружуван од претставници на ОБСЕ и од припадници на ОНА, со цел да ја пушти водата за Куманово. "За тој настан досега никогаш не сум дал ниту една изјава. Во принцип, задачата ја сфатив како обврска. Некој требаше да оди горе и да ја заврши. Прво имаше некои сосема други идеи за проболемот да се реши, но мене лично не ми се допаѓаа, зашто беше илузорно на таков начин тој да се реши. Не беше проблем да истрчаш 400 скалила за да се отвори вентилот на браната, проблемот беше што тоа требаше да биде на легален начин. За мене единствено исправно решение беше да има монитори, кои ќе можат тоа да го верифицираат, зашто секогаш може некој друг да дојде и да истрча 400 скалила нагоре-надолу и пак да го затвори вентилот. После се договоривме ОБСЕ да ја следи целата ситуација. Прелиминарните разговори беа со началникот на полицијата Драги Несторовски. Ме повикаа на еден состанок на кој јас требаше да кажам како би требало да се реализира пуштањето. Присуствуваа повеќе луѓе, од Водостопанство, градоначалникот, од ОБСЕ и почнаа да зборуваат дека нема кој да оди. Секој имаше по некој изговор, алиби, не смее поради ова или она, и  искрено мене ми падна криво. Како не може никој да отиде?! Па тоа е Куманово, мој град, моја држава. Реков, ако нема друг, јас ќе одам. Беше малку смешно кога стигнавме таму. Тргнавме, па не вратија, се бараше да се пуштат конвои со храна, новинари... Конечно влеговме во Липково, Шпати беше таму, се претстави, се договаравме кај школото, па отидовме горе на браната. Коритото на Липковско Езеро беше сосема празно, на нула. Вентилот на Глажња беше затворен и кога се искачивме горе на браната, се симнавме за да го отворам. Тоа е две минути работа, еден вентил што се пушта со помош на струја. За среќа имаше струја, го пуштивме и отидовме да провериме каква е состојбата на долната брана, на вентилите што се таму. И во шумата има едни вентили каде се пушта водата за градот, и таму отидовме. Веќе фати ноќ, Бејзат беше цело време со нас, се беше во ред. После бев уште два-три пати, еднаш зашто повеќе беше отворен вентилот и истекуваше повеќе вода кон Липковското Езеро, па мораше да се подзатвори и повторно во август, кога пак два дена немаше вода. Зошто и тогаш снема вода не знам, можеби јас повеќе сум го затворил вентилот. Видете, јас не знам дали некој го затворал или отворал вентилот, јас можам да го кажам она што јас сум го работел. Дали некој друг, во меѓувреме, манипулирал со тие затворачи, не можам да тврдам, а своето мислење имам право да го задржам за себе. Јас само одев за да пуштам вода, секогаш по покана на Бејзат и во придружба на ОБСЕ. Кога по вторпат одев жена ми ми велеше - немој да ти се случи како на оние од "Маврово". Вечерта била дежурна и и кажале дека имало некој инцидент, а мене од ОБСЕ ми се јавуваат и ме викаат да идеме. Сопругата ми вели не се будали, немој да си одел. Но, отидов. Не ми беше страв, мене само од Господ ми е страв! Беше непријатно, мизерно се чувствував. Јас во мај бев во Липково да купам ретровизор за колата, а после ми велат немој да одеш таму, како да е туѓа земја!"    

ПОВТОРНО БЕЗ ВОДА?!    Денес состојбата на браните е следна. Еден стражар на Долната брана и еден на Горната брана. Обајцата жители на Липково. И останатите со кои ги менуваат смените се исто така од тој крај. На Горна брана од пред една и пол година е стациониран полициски пункт. При нашата посета, ниту еден од полицајците не сакаше да говори официјално, зашто за тоа била потребна дозвола од претпоставените. Стражарите ни раскажуваа дека браната ја чуваат без оружје. На времето имало три пушки за нив. По војната останала една, но пред три месеци и таа им била одземена. Сега мора да полагаат курс за дозвола за носење оружје за повторно да им биде вратена. Стражарот на Долна брана, Исмаил Исени, ни се пожали: "Посигурно е на браната да има оружје. Човек барем може да се бори ако дојде до нешто, може аларм да даде. Овде нема ни радиоврска, ни телефон. Имам свој мобилен, ама од фирмата и државата ништо. Треба да се мисли. Може некој да ги отвори тие врати и да ја испушти водата. Излегуваат 10 кубика вода во секунда и тоа може да направи многу голема штета до Опаје, па и Куманово. А за Горна брана, пак, да не зборуваме. Ако таа се отвори, од таму течат 20 кубика во секунда, и Липково и Куманово, па и селата под Куманово можат да бидат поплавени".   Претседателот на Месната заедница на Липково, Бејзат Исени, ја потврдува тешката положба на стражарите, кои чуваат толку важен објект, а дел од нив не се ни пријавени, ниту пак примаат редовна плата од Водостопанство. Истовремено, тој се жали и алармира за проблемот на липковчани: "Липково од 1958 година е без вода. Кога беше пуштена првата брана беа излажани и не добија вода. Во 1971 беше пуштена втората брана и повторно останаа без вода. Во Липково ќе има протести. Само оваа година народот е мирен, разбира дека државата има многу проблеми, меѓу кои беше и референдумот, па затоа не сакавме и ние да правиме дополнителни. Но, очекуваме од државата малку да мисли за Липково, за да не бараме вода со протести и тоа покрај две езера. Во спротивно, еден протест, втор, трет И, ако нема резултат, ќе следи затворање на водата за Куманово".  Прашуваме дали тоа значи дека на Куманово може да му се повтори 2001 година? "Да, може, зашто Куманово, со повеќе од 100.000 жители, пие вода од Липково, а Липково, со две опасности над глава, нема вода за пиење", вели Бејзат. Истото го повторува и пред припадниците на МВР на Горна брана, на што едниот од нив во шега му одговара: "Чекај уште една година, да заминам во пензија, па после". Каде ќе ја затворат водата? Бејзат вели: "Нема да доаѓаме тука горе. Имаме ние други места каде што може да ја затвориме, не мора на браната".  За проблемот со вода за Липково е свесен и градоначалникот на Куманово, Слободан Ковачевски. "Треба да имаат вода, но прашање е од каде. Тоа не може да се реши со земање вода од ист резервоар, зашто во Липковско има 28.000 жители и тогаш ќе се наметне проблемот за снабдување со вода на целиот град Куманово од Липковското езеро. Мора да се бараат нови извори, да се реализираат нови проекти, да се ангажира Владата за изградба на една брана, на пример, на реката Слупчанка", смета Ковачевски.   

БЕШЕ ЛИ СЦЕНАРИО    Кога пред некое време се зафативме со истражување околу случајот Липковско Езеро многумина не предупредуваа дека  премногу е рано за тоа. Ни велеа дека се уште се свежи сеќавањата, за луѓето, особено инволвираните страни во конфликтот - од една страна припадниците на ОНА, од друга безбедносните сили на Република Македонија, отворено да говорат за настаните во Липковскиот крај. Дознаваме,  сите тие се евидентирани во посебно досие "Рамно" во МВР. Се обидовме да дојдеме до неговата содржина врзана за периодот мај-јуни 2001. Портпаролот Горан Павловски, ни пренесе дека директорот на Управата за јавна безбедност во старт одбил да даде делови од тоа досие, прашувајќи не патем од каде знаеме дека тоа постои. Побаравме писмен и официјален одговор и образложение. Се уште ги немаме добиено.  Тогашниот началник на полицијата Драги Несторовски, меѓу другото и искусен аналитичар, од денешна временска дистанца смета дека случајот Липковска брана не беше ништо друго, туку само уште еден обид за зголемување на тензиите во Куманово, со цел кризата да се префрли во тој град. "Сметам дека одредени носители на политички партии, одредени бизнисмени се обидуваа  во Куманово да дојде до немири од пошироки размери, што би се манифестирале и со борбени дејства. Но, за среќа ваквите појави навреме ги забележувавме. Јас, како старешина, колегите кои работеа во секторот за внатрешни работи и одредени лица кои беа дел од политичкиот и јавниот живот во Куманово, не се согласувавме со ваков развој на настани, па со сето свое знаење и умеење се обидовме такво нешто да не дозволиме да се случи во градот. Тука сакам да го споменам и Фериз Дервиши, од село Черкезе, бизнисмен од Куманово, како човек кој беше многу заслужен војната да не се прелее во самиот град", вели Несторовски.   Според него, снемувањето вода во Куманово било тесно поврзано со намерата да се создаде револт кај граѓаните за тие масовно да излезат на улиците и да ги оштетат, уништат и да ги избркаат Албанците од своите домови и дуќани, како што тоа било на почетокот на 90-тите години. "Иако и пред да снема вода беа забележани такви показатели и навреме спречени, ова   беше веќе крајниот дел од нечие сценарио за да дојде такво нешто. Токму во екот на најголемите борбени дејства во јуни, да се искористи она што му е најпотребно на човека - водата. Во овој период, додека немаше вода во Куманово, беше и извлекувањето на борците на ОНА од Арачиново, од страна на НАТО.  Конвојот возила и автобуси, со кој наводно се извлекуваа Албанци од Арачиново, а всушност се извлекуваа дејците на војната, после Никуштак сврте кон Љубодраг и Умин Дол, кои се етнички чисти и православни села, со намера да се излезе на автопатот кај Куманово. Селаните поставија барикади во Љубодраг, јас дојдов вечерта околу 23-24 часот и останавме до 2 по полноќ. Имавме сознанија добиени од внатре, од населението во Арачиново, дека носат и учесници во борбените дејства во Арачиново, облечени во цивили, така што не сакавме да дозволиме да поминат по овој пат. Можете да замислите во таа ситуација, кумановци без вода со денови, вжештено до максимум, уште во нивна близина да проаѓаат борците на ОНА. Можеше сешто да се случи. Мајорот на НАТО, кој ми рече дека му е наредено да мине по овој пат, ми понуди да земеме седум-осум ранети припадници на ОНА. Одбив, бидејќи немаше резон, од самите селани можеше да дојде до каменување и нивно линчување. Чудно беше што некој и воопшто им дозволил да поминуваат од тука. И во Координативното тело за справување со кризи, од кое бев известен дека треба да им се обезбеди минување низ овој крај, требаше да знаат и да го почувствуваат моментот дека е премногу опасно конвојот да минува низ сите тие села и крај Куманово. Малку фалеше, мала искра, за да дојде до избувнување на пожестоки дејства и конфликтот да се прелее во градот, односно и Куманово да биде нешто како Вуковар".   Денес и командант Шпати се согласува дека за Куманово можеби имало некое сценарио од кое не било исклучено и  Липковско Езеро. Кого би посочил како виновник за речиси едномесечната криза за вода Куманово? "Не знам, ќе видиме", вели Шпати и додава: "Имам список на луѓе ако работата дојде до Хаг". Таму евентуално би можело да се дојде до вистината.      Храбриот Ромео, пак, и началникот Несторовски имаат исти размислувања: "Вистината е прва што се убива во војна", вели Несторовски, а Ромео заклучува: "Вистината умре во мај 2001 година!"     (Крај)          

СУЗАНА ЏАМТОСКА  Фото: ДАРКО АНДОНОВСКИ   


Веста е прочитана 593 пати.
 Реклами





© Вечер Прес, сите права задржани