05.09.2006 Бр. 13290 ИЗЛЕГУВА СЕКОЈ ДЕН ОСВЕН НЕДЕЛА
  Насловна
  Вести на денот
  Економија
  Црна хроника
  Скопје
  Свет
  Култура
  Балкан
  Одмор и забава
  Естрада
  Спорт
   Архива
   Вработувања
   е-Вечер
   Импресум
   Контакт
   Претплата
   Маркетинг
 
 Пребарај:
 Барај
   Анкета
Колку пари потрошивте/би потрошиле на годишниот одмор?
До 200 ЕУР
Од 200-500 ЕУР
Над 500 ЕУР
Нема да одам на одмор
   Реклами








 Кујна и храна

ВО СВЕТОТ НА ЗАЧИНИТЕ

Ѓумбир (лат. Zinziber officinale)

По потекло е од тропската Азија. Со пријатен и остар мирис. Се употребува како зачин за печурки, месо и риба, ориз и јадења од зеленчук... Во некои земји се додава и во колачи. Лековити својства: го поттикнува лачењето на желудочен сок, ги смирува кашлањето и настинката и е одличен антисептик      
Омилен егзотичен зачин на Европејците 
Ѓумбирот - зачин кој често не се среќава во домашните јадења, но е составен дел на азиската кујна. Името му доаѓа од латинскиот назив "Зинзибер оффицинале", што, пак, доаѓа од санскритскиот збор "срингаверо" - што во превод значи - форма на труба. Називот се однесува на луковицата на растението, која е со неправилна форма и со светложолта до крем нијанса. Егзотичниот ѓумбир со векови се одгледува првенствено за употреба во кулинарството, но и во медицински цели. Во Европа дошол уште во 9 век и е еден од најстарите неевропски зачини познат во западноевропските земји. Особено бил омилен во Англија, каде уште од средниот век се служел на масите како основен зачин, се разбира, покрај солта и пиперот, а подоцна речиси секој град во северна Европа имал улица именувана по него - "Гингер стреет" , во која обично бил сместен трговецот со зачини. Во 19 век со задоволство го додавале и во пивото, а таквото пиво и денеска може да се најде во северните делови на Европа. Посебноста на ѓумбирот е токму во таа нота што потсетува на Далечниот Исток, благодарение на која, егзотиката и необичноста, се уште се издвојува од одомаќените, медитерански зачини.  Ѓумбирот и денес доаѓа од југоисточна Азија, Индија и Кина, каде главно расте во топлите или тропските краишта. По растот е сличен на трската, а во височина може да нарасне и до 120 сантиметри. Но, за разлика, од повеќето зачински тревки кај кои најароматичните делови се оние што растат над земјата, како листовите, цветовите или кората, кај ѓумбирот тајната арома е скриена под земјата, а иако тој дел најчесто се нарекува корен, всушност се работи за луковица. Аромата на ѓумбирот е остра и мирисна.  При изборот, кога се купува ѓумбир, внимавајте да одберете поголемо парче со мазна кора и чиста боја. Обично се продава откако потполно ќе созрее, а ако најдете млад плод, тој ќе биде со поблаг и многу послаб вкус. Значи, колку ѓумбирот е подолг, коренот постар, толку ќе биде и поароматичен.   
Ѓумбирот - пријател на готвачите 
Се вели дека ѓумбирот е "пријател на готвачите" поради тоа што ги "појачува" сосовите и ја ублажува маснотијата на месото (како паткиното, на пример). Всушност можностите за употреба на ѓумбирот се неограничени, затоа што одлично се сложува со лукот, со лесното месо-како пилешкото и масното месо, зеленчукот, виното, сирењата, супите, сосовите... Може да се користи при подготвување на слатки и солени јадења, а одлично се меша и со безалкохолните или благо алкохолните пијалаци, како веќе споменатото пиво "гингер беер". Во средна и северна Европа се подготвуваат надалеку прочуените колачиња со ѓумбир, омилени за Божиќ. При изработката на слатки јадења добро се согласува со тиква, морков, диња и бобинките. Во јужна и источна Европа, напротив, ѓумбирот почесто се користи како додаток на солените јадења, а особено често се комбинира со лукот. Се користи свеж, рендан или исечен на плошки. Непишано правило е младиот ѓумбир само да се излупи и исечка, а постариот, кој е повлакнест, да се изренда. Има јак мирис што потсетува на лимон, а аромата е остра и препознатлива, па заради тоа треба да се користи внимателно затоа што доминира над другите. И ако се додаде подоцна за време на готвењето ќе остави посилна арома.   Во европската кујна вообичаено се користел мелен, сушен ѓумбир. Причината лежела во тоа што единствено во таа форма можел да дојде со трговските бродови од Далечниот Исток. Денеска, кога многу лесно може да се најде и свеж, многу готвачи со задоволство самите го сушат и мелат во прав, затоа што така подготвен е сигурно поквалитетен од правот што се купува. Ако не знаете како да го направите тоа, еве еден релативно брз начин: излупете корен од ѓумбир и исечете го на умерено тенки парченца. Наредете ги на хартија за печење и сушете ги во рерна загреана на 100 степени, околу 10 - 15 минути. Сувите парчиња ѓумбир потоа зачувајте ги, па пред употреба смелете ги. Правот, пак, чувајте го на собна температура во добро затворен сад, така ќе ја задржи убавата боја. Пожелно е да се чува подалеку од силна светлина. Свежиот ѓумбир може да се чува во ладилник и тоа завиткан во хартиена крпа, а евентуалните флеки на кората лесно ќе се отстранат со стругање. Друг начин на чување на свежиот ѓумбир, повторно во ладилник, во бело вино. Пред тоа треба да се излупи.        
Ѓумбирот во светската кујна 
Во кинеската кујна со ѓумбирот се полни месото од живина и се зачинуваат морските плодови, а во азиската кујна најчесто се комбинира со сосот од соја. Англичаните го преферираат ѓумбирот во пици, мармалади, но и јадењата со лути индиски зачини. Комбинацијата лук и ѓумбир е присутна во јужноевропските земји, но и креолската кујна. Јапонците го натопуваат во расол за да добие светловиолетова боја и таков го сечат на тенки парчиња и го служат со суши. Јапонскиот сос од ѓумбир, пак, се подготвува на тој начин што се мешаат рендан ѓумбир, иситнет лук, магдонос, еден дел соин сос на два дела вода, малку оризов оцет и сок од половина лимон.  

Рецепт: 
Традиционален англиски колач "Гингербреад" 
Коцки со ѓумбир 
Потребно:  
250 г путер  
250 г кафен шеќер  
250 г меласа (шеќерен сируп)  
375 г мазно брашно  
5 лажички мелен ѓумбир  
2 лажички мелен цимет  
2 јајца  
3 парчиња ѓумбиров корен (грубо исечкан)  
300 мл млеко  
2 лажички сода
бикарбона 
Подготовка: Намрсете калап (23-30 см) и дното прекријте го со масна хартија. Во сад со загревање измешајте ги путерот, шеќерот и сирупот за смесата да стане мазна. Оставете малку да се олади и во смесата просејте го брашното и мелените зачини, добро измешајте, па додајте ги јајцата и коренот од ѓумбир. Во длабок сад загрејте го млекото, додајте му сода бикарбона и сипете ја смесата во онаа со ѓумбир, па нежно мешајте додека сите состојки не се поврзат. Смесата сипете ја во калап, печете на околу 160 степени еден час, додека колачот не стане сунѓерест. Оставете кратко во калапот да се лади, па извадете го и оставете сосема да се излади. На крајот колачот исечете го на коцки и послужете.      


Веста е прочитана 913 пати.
 Реклами





© Вечер Прес, сите права задржани